Tuesday, June 12, 2012

:Турбо Поп и квинтесенцијалниот херој

Игор Тошевски - "ретко аргументирана храбра анализа на она што сме, на она што е... не сум видела некој од браншата до сега да биде волку критички авторефлексивен..." Искра Гешоска



Турбо Поп и квинтесенцијалниот херој

(објавен 10 Јуни, 2012 во Граѓански, бр. 5

Зборот ангажиран во контекст на уметноста произлегува токму од политичкиот дискурс. Затоа, на многу јазици, она што го подразбираме како ангажирана уметност едноставно се нарекува политичка. Но, денес таа станува по-комплексна материја за обработка. Пред се, тешко е да се биде аполитичен во денешни времиња, но истовремено политичкиот став не подразбира исклучиво позиционирање во однос на дејности врзани со општественото управување и дистрибуција на моќта. Дури и да е така, овие атрибути денес неретко им се припишани и на корпорациите, банките или на идеолошките платформи прокламирани од невладини здруженија, рекламните агенции или верските институции. Од тие причини, улогата на уметникот веќе одамна не е така романтична и егзотична каква се замислувала. Таа е сложена игра на проценки и одлуки кои се во целосна спротивставеност на, да речеме, неговата претходна апстрактно-експресионистичка инкарнација. Уметникот е денес ставен во менгеме, во положба на буден воајер но, и арбитер во средиштето на збиднувањата, медиумските кампањи и глобалната економија. Но, неговите ’одштрафени’ толкувања за светот засега се можеби единствената разумна алтернатива во однос на егзистенцијата испонета со нестабилни вредности и неизвесна иднина. Да ја земеме за пример популарната култура.

Некни прочитав краток напис за детските програми кај нас. Испаѓа дека ниедна од т.н. национални телевизии нема продуцирано сопствена програма наменета за деца помали од 16 години. Тука спаѓаат едукативни емисии, играни серии или забавни програми, но секако, без присуство на ласерски топови, бомбардери трансформери и потоци крв. Денес, семејствата се сведени на тоа нивните најмлади да ги впиваат турските/ индиските серии без никаков вид филтер. Ова би било недозволиво во цивилизирано општетсво чиј колективен идентитет почива пред се врз принципите на заштита на јазикот и културните традиции. Од друга страна, културните придобивки ионака се постојано изложени на девастациските влијанија на медиумите и популарната култура, во која спаѓаат реклами, филмови и кабловската телевизија. Смесата создадена за инстант консумација е конгломерат на културолошки влијанија, јазички девијации и виртуелен хаос од визуелни информации. Културната наобразба ја имаа таа улога да го амортизира овој шок. Но, што ако токму тука, во таа колективна неосвестеност лежи основниот погон на современата култура и уметност кај нас.

Вистина е дека окупацијата на Скопје од страна на големите архитекти на колективниот идентитет е одамна загубена битка за оние кои се залажуваа дека ќе видат подобра иднина и повисоко ниво на културен развој. Последниот бедем на граѓанскиот интегритет е срушен токму од оние институции кои требаа да не заштитат од ваквата трагедија. Но, доколку се потпреме на старите добри мудрости на античките цивилизации, секогаш ќе постои опцијата на “мудрото“ прифаќање на понудените стандарди како неминовни вистини, а во нашиот случај, прилично грди, за да бидат апсорбирани како реален одраз на нашата сопствена, бастардизирана култура. Уметноста од секогаш сакала да се поигрува со ваквите конзервативни позиции. Но, да видиме каде ова може се да оди. Една од ’реалноститe’ дадени на располагање секако е онаа презентирана преку телевизијата како силен интерактивен медиум создаден за масовна културна пропаганда. Освен вестите, речиси 80% од програмата е напикана со увезени серии/ сапуници. Несомнено е дека нивните ликови се денес икони на совремната македонска култура, делувајќи како антидот за сеприсутниот политичи калабалак предизвикувајќи идентификација со една поинаква, романтична реалност. Ова влијание е толку силно што дури и децата ги прифаќаат овие модели поистоветувајќи се со ликовите додека мајките си ги прераскажуваат доживувањата од екранот небаре се вистински искуства. Со други зборови, ликот на Сулејман, на пример, е денес нашиот квинтесенцијален херој. Но, наместо гнасење и револт кон ваквите ’невкусни’ манифестации на необразованоста, предлагам сосема поинаков пристап. Пред се, треба да се постави прашањето: зошто уметноста би го отфрлила ова кога токму во вителот на ваквите симулакруми можеби е вгнездена суштината на ликовноста? Зарем Поп артот не беше тој кој ентузијастички ги прифати токму најниските аспекти на потрошувачкиот менталитет и од тоа создаде еден сосема нов, свеж дискурс во современата уметност? Тој се спротивстави на она што до тогаш важеше како елитистичка претенциозна традиционална уметност, нудејќи ги предметите од масовното производство како висока уметност. Но, тука не беше ни толку важна самата уметност колку ставот што беше аплициран како сериозен ангажиран дискурс. Една од можните причини зошто Поп арт-от се уште е популарен е фактот што публиката наоѓа утеха во препознавањето на елементите кои и се блиски, па така, оваа уметност стана најприфатлива транзиција за оние кои имаа проблем со современата пост-модерна уметност. Говорам за моќта на ре-инвенцијата. Секако, сево ова е потопено повторно во длабока иронија која изобилува со критички пораки. Но, имајќи го на ум успехот на оваа појава, и земајќи ја предвид реалната епидемија на потрошувачката зараза, ликовниот дискурс во Македонија може без никаков проблем да се ориентира кон оваа стратегија. Иронијата тука би била непостоењето на реална основа за ваквиот вид култура (Македонија не познава масовно производство ниту сериозни пазарни стандарди). Таа се манифестира преку филтерот на нискиот стандард и тоталната тупавост на просечниот граѓанин. Да го наречеме тогаш овој феномен Турбо Поп уметност. Во него би бил инкорпориран циничниот одговор на современата, болна состојба во културата и останатите општествени структури. Рака на срце, овој феномен беше зачнат со музиката во 1980тите и 1990тите, во времето на групи како Пеницилин, Бадминтонс и подоцна, Т.Б. Трачери, чии текстови го легитимизираа локалниот дијалект во рок поезијата. Меѓутоа, за чудо, се уште се ретки примерите во ликовната уметност. Да наведам неколку ендемски примери: Синиша Цветковски со своите ’терористички’ стрип колажи и црн хумор, и секако, Ацо Станкоски, во неговите психоделични Поп сликарии и стрипови кои, освен сатира, поседуваа критички сарказам доследен на еден Бош или Де Сад. За жал, овие појави останаа воглавно изолирани и неразбрани од пошироката урбана јавност. Творештвото на Атанас Ботев е можеби најдобар пример за примена на овие принципи во современата сликарска практика, но тука завршува приказната. Празнината е исполнета со спорадични изблици на луцидни дела. Ќе наведам два примери од неодамнешната групна изложба насловена ЕПП на иницијативата КООПЕРАЦИЈА чија тема беше токму популарната култура и кичот.

Во делото на Јовановиќ, “Величенствениот“, бев вџашен колку лесно публиката го имаше прифатено ’заедничкиот’ код во графичката интерпретација на популарната серија. Иако недоволно присутен кај нас, јазикот на стрипот се уште е препознатлива форма па дури оние кои не знаат ништо за постмодернистичкиот пристап на Лихтенштајн, без проблем ја имаа прифатено премисата во ова дело. Другиот случај е објектот на ОПА: крајно суптилно е провлечена нитка на наивен маркетиншки дизајн (типичен за ова подрачје) во фалсификуван производ чија намена е речиси логична – бомбониера со чоколадни лавови, реплики на оние тажни примери на скулптура од нашиот ’нов’ плоштад. Ироничноста е професионално спакувана во приспивно суптилен пакет кој, на поблиско читање, се претвора во опасна тупаница.

Транзицијата кај нас заврши со неуспех од едноставната причина што ние, како и другите земји од регионот, ја имавме сфатено како механички скок во капитализмот. Со други зборови, ја немавме воопшто разбрано суштината на промените и ова до денес е нашата реалност (за жал). Но, дури и овој скок, проследен со криминални приватизации и општа тепачка за пратенички фотељи не се разви во потполност. Од таму девијацијата на естетските критериуми кои сега ни се истопорија во целиот нивен ефтин сјај и инфантилна корпулентност. Кому му одговараат вакви грдотии ако не токму на оној кој ги демнее епизодите Долина на Волците или Имотот на Дамата во речиси очајнички обид на само-анестезија и потрага по иљач против мизеријата на невработеноста и сиромаштијата. Ова се неговите пет минути, но токму современата уметност не смее да ги игнорира овие скапоцени минути. Напротив, од неа би се очекувало да ги воздигне и од нив да создаде сопствен споменик. Точно е дека овој монумент би бил посветен на човечката игноранција и тупавост, но мораме да признаеме дека и таа е неиздвоив дел од нашата понова историја. Наместо форсирано производство на идеализирани форми и статуи со морални пораки, на невкусот треба да му се врати со иста мерка, спакуван одозгора со црвена тантела. Од публиката понатаму би зависело колку е таа подготвена да ја прими сопствената некултура во форма на висока уметност. Навикната да извикува патриотски слогани чие значење не го познава и барајќи го ликот на Богородица во палачинка, оваа публика нема никогаш да ја разбере современата уметност. Но, тоа впрочем и никогаш не се барало од неа. Последниот комичен пример на овој неуспех беше барањето од пуританците да се покрие голотијата на Прометеј на Томе Аџиевски, на што овој молчешкум прифатил. Не треба да го судиме. Ова впрочем беше случајот и со Микеланџело (Систинската капела) и веројатно Аџиевски долго време ќе се теши со оваа историска анегдота верувајќи дека не е сосем искорумпиран автор. Но, според мене, ова е нешто сосема очекувано. Доколку сметаме дека “мораме да правиме дела кои публиката ќе може да ги разбере“, како што еден пријател, драмски режисер, на времето наивно ме убедуваше, правиме огромна грешка и неправда, не само кон таа иста публика и кон самите нас како автори, туку кон цели генерации во иднина кои би биле целосно рамнодушни кон околностите во кои уметникот творел. Начелно, самата теза не звучи така лошо доколку зад неа не би се криела претециозната мистификацијата на уметноста толку често присутна токму во нашиот театар. Она што напротив, би било реален одраз на општествените прилики во уметноста денес е најотворен можен пристап кон сите доблести и маани кои ги нуди популарната култура и малограѓанската ефтина естетика, колку и да изобилува таа со невкус и површност.

Од таму, Турбо Поп-от е можеби нашата неизбежност. Во последните обиди да се воздигнеме над сопствените заблуди, сепак постои излез во чинот на веселото прифаќање на истите и нивното величење како највисок идеал. Турбо Поп-от се покажува како жив, здрав и прилично жилав. Секогаш ќе биде тука, до нас, околу нас, исполнувајќи го нашето секојдневие со весели празноглави баналности, безгрижна медиокритичност и шарени лаги. Тој и ќе остане се додека постојат оние кои бараат чуда во нивното утринско кафе и спас во нивните националистички идеолози. Крајно време е да го внесеме во музеите на модерната уметност.



Игор Тошевски