Friday, April 18, 2014

.љубов на јапонски начин

:на ханами* под
сакура* да расцветам.
- вишно моја!

ханами* - пикник
сакура* - позната јапонска вишна

#хаику
Митко ГОГОВ

Thursday, April 10, 2014

William Shakespeare, All the World's a Stage

Целиот свет е театар

Целиот свет е театар,
а сите мажи и жени само глумци:
секој си има свој настап и свој замин,
и секој во векот свој многу улоги игра,
седумте промени му се седум чинови. Првин ко бебе,
плаче и се лигави во доилкините скути;
потоа ко кенкаво учениче со чанта
и светнато утринско лице ползи ко полжав
за на училиште, невесел мошне; па ко љубовник,
баботи ко фурна и жаљовна песна
за веѓите на саканата пее; па ко војник,
со простачка пис-уста и брада ко на пантер,
брз да навреди, наглит, за кавга спремен,
се топори за меурче слава
пред самоти устина на топот; па ко судија,
мевот подуен од мрсни пилци,
со строг поглед, прописно средена брада,
полн поуки за моралот и излижани фрази
својата улога ја игра; шестата промена го прави
прав арлекин, паљачо во папучи,
со очила на носот и ќеса кај колкот,
калиотите добро сочувани - вилает
преширок за сувите нозе – а силниот машки тенор
станат повторно детски пискав, му трепери
и му шишти; најсетне завршниот чин
пред да се спушти завесата на чуднава, бурна повест,
второто детинство, исконскиот заборав,
во кој е без заби, без виделце, без вкус, без ништо.


превод - Драги Михајловски

Thursday, March 13, 2014

САКАТЕ ЛИ ВОДА?

Надоаѓаат води возбудливи
води чувствителни и саможиви.
Не мораме да бидеме риби
за да ги сфатиме оние кои немаат мера
ни намера потеклото да си го проверат.
Етногенезата на океаните.
На дождовите.


Ќе ја цицаме бебешки, на искап
природата, леунка на неопределено време
секнатите извори ќе потонат нагло
и во потсвеста ќе ни бликнат отнати
надојдени, кивни:
веќе не само води на претек
туку предзнаци.


Ако решат еден ден да нè изневерат
да нè прелијат со високи вокали
блудно да се одлијат во туѓи планети
безнадежно, речиси залудно ќе биде
да се спречуваат во намерата:


водата не знае за доста!

Катица Ќулавкова