Showing posts with label литература. Show all posts
Showing posts with label литература. Show all posts

Friday, April 24, 2015

За иднината на литературата - Урсула К. Ле Гвин

„Мислам дека доаѓа тешко време кога ќе сакаме да ги чуеме писателите кои нудат алтернатива на ова што го живееме денес, кои на нашето општество исполнето со страв и опседнато со технологија можат да му понудат поинакви облици на постоење, дури и нова надеж.

Ќе ни бидат потребни писатели кои се сеќаваат на слободата. Поетите, визионерите, реалистите ја шират реалноста. Сега ни се потребни писатели кои прават разлика помеѓу производството на стока за широка потрошувачка и занимавањето со уметност. 

Знаете, книгите не се само стока. Мотивот за профит често се коси со целите на уметноста. Ние живееме во капитализам кој делува непобедливо. Но такви беа и божествените права на кралевите. Луѓето можат успешно да пружат отпор на секој облик на човечко насилство. 

Отпорот и промената често почнуваат во уметноста, а многу често во нашата уметност - уметноста на зборовите.“

Урсула К. Ле Гвин
(На 65-то доделување на Националните книжевни награди во ресторанот Cipriani Wall Street во Њујорк, 2014 година)

Thursday, February 16, 2012

Квечерина

Еве ја квечерината ... Од куќите покрај кои минувам доаѓаат мириси на пржено и шумови на садови. Се подготвува вечера, потоа на спиење или на театар. - Ох, премногу сум зацврснал за да пуштам солза; можам да бидам страшен подлец во однос на ѕвездите !
И сето тоа нема никаква, никаква смисла.
По улицата малодушните коњи влечат тешки товарни коли - жените скитаат - мажите се поздравуваат со љубезни насмевки ... А земјата плови низ вселената.
Со едната половина осветлена од сонцето, со другата потоната во темнина што ја пробиваат огнови, гасни светилки, факели со смола или свеќи. - Се водат борби некаде, се случуваат колежи, некаде извршуваат смртна казна, некаде силуваат некоја жена. - Под нас луѓето спијат - има болни што умираат, има погребни врволици што како црна лента се влечат кон гробиштата обрабени од дрвја - и така без крај. И сето тоа врз грбот на огромната земја што кружи низ вечното синило со секавична брзина на молња ?


Квечерина - Жил Лафорг (превод: В. Урошевиќ)

Thursday, February 2, 2012

ПИШУВАЊЕ БИОГРАФИЈА

Што треба?
Треба да се напише молба,
а кон молбата да се приложи биографија.

Без оглед на должината на животот
биографијата треба да биде кратка.

Задолжителна е збиеноста и селекцијата на фактите.
Промена на пејзажите во адреси
и колебливите спомени во неподвижни дати.

Од сите љубови доволна е брачната,
а од децата само родените.

Од поважните, кој те познава, а не кого знаеш.
Од патувањата само ако се во странство.
Припадност кон што, ама без зошто.
Одликувања без за што.
Пишувај така, како никогаш да не си разговарал со себе
и заобиколувај оддалеку.

Испушти ги со молчење кучињата, мачките и птиците,
споменичните старудии, пријателите и соништата.
Подобро цената отколку вредноста
и насловот отколку содржината.
Подобро бројот на чевлите, отколку каде оди тој,
тој, за кого се сметаш.
КОн оваа фотографија со откриено уво.
Се смета неговата форма, не тоа што слуша.
Што има ново?
Тропот на машините кои мелат хартија.



Вислава Шимборска (1923-2012)
Препев: Петре Наковски

Tuesday, December 27, 2011

Студ

Ноќеска е надвор голем студ, цибрина. Небото сосем јасно, мрзне снегот на улиците. Се враќам доцна дома. Студот ме боцка со танки иглички по писките. Еве ме сега веќе во топла соба. Земам книга да прочитам некоја страница пред спиење. Уште не сум сосем затоплен и студенилото искри од мене. И одеднаш мисла - нагла, јасна и студена - дека е толку природно што сум осамен, дека ништо пологично нема од тоа, дека сѐ морало да биде како што било. Мрзне крвта во мене оваа ноќ, зашто мрзне сѐ наоколу.

Блаже Конески

Saturday, December 3, 2011

ТИ И ЈАС И СВЕТОТ

Не прашувај се кој си и кој сум јас
и зошто сето тоа е така.
Пушти професорите нека истражуваат,
тие се платени за тоа.
Стави ја домашната вага на масата
и вистината сама нека се мери.
Облечи го палтото,
изгасни го светлото во ходникот.
Затвори ја вратата.
Пушти ги мртвите да балсамираат мртви.

Наваму одиме ние.
Ти си оној кој има бели
гумени чизми.
Јас сум оној кој има црни
гумени чизми.
И дожд врне над нас
и тоа е дожд.


Вернер Аспенстрем

ОСТРОВОТ



Кога
се сретнавме на островот
сонцата беа извезени
во гоблен
каде што беше вбоден
здивот на водата

Во деновите на правта
сонцата се одделија
едно од друго
островот беше однесен за време на сушата
а ти лежеше како златна риба
во стаклен сад

И тие денови исчезнаа
Брегот на островот
го извезувам
в книга


Розе Ауслендер

[превод Н.М.]