Friday, February 19, 2016

Лидија Димковска - Отпадоци

Собираш со децата сликички, школки,
поштенски марки и разгледници,
ги редите посветено во фиоки и кутии,
смешкајќи се дури жена ти ви дофрлува
„само ѓубре правите“,
а не знаеш дека одненадеж ќе дојде ден
или поскоро ноќта на тој ден
кога газ преку глава ќе се тетеравиш по гаќи
по помошните скали од влажно железо
тресејќи се во спротивна насока од домот,
со раце празни како ископан гроб
и тупаници црни од ударите во пламенот,
нуркаш надвор од дијаметарот на божјата волја,
гледаш зад себе, а нив ги нема, далечен крик и штама,
гол и мал под млазот што те враќа во живот,
а сам го туркаш во спротивната насока,
само да умреш сакаш, да издивнеш под ќебето зад грмушката.
Тие се мртви. 


Се влечкаш до контејнерот кај што вчера ги фрли последните отпадоци.
Без прсти пребираш во реата, еве го зеленото ќесе со лушпи од портокали,
со обвивки од чоколатцата што ги купи враќајќи се од работа,
со крајчето од последната салама и смачканите кутијки сокчиња
што ги испија децата пред да си легнат,
сè што ти остана од вас, од твојот живот во кој си сега сам,
ги душкаш, ги бакнуваш и секоја лушпа ја составуваш во целост,
трошките од чоколатцата ги собираш во златца, крајчето од саламата
те замелушува со една позната домашност,
врз сламките од сокчињата е последната плунка на твоите деца.
Ова зелено ќесе со отпадоци е сè што е твое сега.
„Треба да се почне од почеток“, ти велат.
А ти би знаел како да почнеш од средина, како да го смениш старото,
како да е подобро, поубаво, посакано,
а кога мртвите не се веќе живи
никој не знае како да почне ни од крај ни од почеток.
Знаеш, добро знаеш како животот се претвора во отпадок,
но не знаеш како овие отпадоци да ги претвориш во живот.

Wednesday, February 17, 2016

Трите најчудни зборови - Вислава Шимборска

__

Кога го изговарам зборот Иднина,
првиот слог веќе припаѓа на минатото.

Кога го изговарам зборот Тишина,
ја нарушувам.

Кога го изговарам зборот Ништо,
чинам нешто што ниедно небитие не може да го содржи.