Friday, December 16, 2016

Маја Клариќ - На твојот гроб

На твојот гроб
Повеќе не сум сигурна
Зема ли Бог повеќе од што дава
И каков е тој Бог кога раката му е толку груба
Кој не се јавува
Кој никогаш не одговара
Го чувствувам само
Топлото сонце кое се појавува
Во моментот кога си родена
Ветерот кој ги откинува
Лисјата од ружа во моите раце
Со солзи го полеваме местото
На кое твоето тело
Го пуштивме назад во земјата
Поради нив на пролет
Од тебе ќе никне цвет
Така би требало да биде
Нов живот би требало да никне
Од гробовите


Маја Клариќ
Превод: Митко Гогов

Monday, April 11, 2016

Јехуда Амихај - Да заборавиш некого

Да заборавиш некого е како да заборавиш
да го изгаснеш светлото во дворот одзади
та тоа останува запалено и утре преку цел ден.


Но тогаш светлото е тоа што те потсетува.

Препев: Виктор Шиков

Friday, February 19, 2016

Лидија Димковска - Отпадоци

Собираш со децата сликички, школки,
поштенски марки и разгледници,
ги редите посветено во фиоки и кутии,
смешкајќи се дури жена ти ви дофрлува
„само ѓубре правите“,
а не знаеш дека одненадеж ќе дојде ден
или поскоро ноќта на тој ден
кога газ преку глава ќе се тетеравиш по гаќи
по помошните скали од влажно железо
тресејќи се во спротивна насока од домот,
со раце празни како ископан гроб
и тупаници црни од ударите во пламенот,
нуркаш надвор од дијаметарот на божјата волја,
гледаш зад себе, а нив ги нема, далечен крик и штама,
гол и мал под млазот што те враќа во живот,
а сам го туркаш во спротивната насока,
само да умреш сакаш, да издивнеш под ќебето зад грмушката.
Тие се мртви. 


Се влечкаш до контејнерот кај што вчера ги фрли последните отпадоци.
Без прсти пребираш во реата, еве го зеленото ќесе со лушпи од портокали,
со обвивки од чоколатцата што ги купи враќајќи се од работа,
со крајчето од последната салама и смачканите кутијки сокчиња
што ги испија децата пред да си легнат,
сè што ти остана од вас, од твојот живот во кој си сега сам,
ги душкаш, ги бакнуваш и секоја лушпа ја составуваш во целост,
трошките од чоколатцата ги собираш во златца, крајчето од саламата
те замелушува со една позната домашност,
врз сламките од сокчињата е последната плунка на твоите деца.
Ова зелено ќесе со отпадоци е сè што е твое сега.
„Треба да се почне од почеток“, ти велат.
А ти би знаел како да почнеш од средина, како да го смениш старото,
како да е подобро, поубаво, посакано,
а кога мртвите не се веќе живи
никој не знае како да почне ни од крај ни од почеток.
Знаеш, добро знаеш како животот се претвора во отпадок,
но не знаеш како овие отпадоци да ги претвориш во живот.

Wednesday, February 17, 2016

Трите најчудни зборови - Вислава Шимборска

__

Кога го изговарам зборот Иднина,
првиот слог веќе припаѓа на минатото.

Кога го изговарам зборот Тишина,
ја нарушувам.

Кога го изговарам зборот Ништо,
чинам нешто што ниедно небитие не може да го содржи.

Sunday, January 10, 2016

Лидија Димковска - Патник

Како во њујоршко такси
со стакло одвоена од возачот,
така сум со Бога во животот:
и тој недопирлив, и јас,
а се возиме во ист правец.
Во ретровизорот и двајцата нè следи окото на Линхеј.
Продира во нас низ небесата и низ адот,
гастроскоп е што длаби низ тунелот на битието,
пробива во знаењето и незнаењето,
мала камера што го снима непостоечкиот живот.
Само уште Бог има таков вид.
Јас сум кусогледа, идеална жена на Јахве,
дури кога ќе станам далековидна ќе бидам Христова.
Сама си ја отворам вратата, си го земам багажот.
Тежок е, тежок и насушен.
Во куферот си го носам минатото
што честопати ја промашува мојата дестинација,
сегашноста ми се тутка во рачна торба
што каде и да патувам заканувачки ми виси над главата.
Кога пристигнувам секогаш некој човек ме чека.
А јас во толпата го барам Него,
но моето име е секогаш на нечија друга табла.
И дури неволно се влечкам зад носачот на моето бреме,
се прашувам
– зар на Бога првин му е потребна витаминска инјекција
во десното рамо,
за да можам дури потоа да се потпрам на Него?
Или ми е потребна мене,
за да можам потоа во сопствениот живот да го потпрам Него.