Како во њујоршко такси
со стакло одвоена од возачот,
така сум со Бога во животот:
и тој недопирлив, и јас,
а се возиме во ист правец.
Во ретровизорот и двајцата нè следи окото на Линхеј.
Продира во нас низ небесата и низ адот,
гастроскоп е што длаби низ тунелот на битието,
пробива во знаењето и незнаењето,
мала камера што го снима непостоечкиот живот.
Само уште Бог има таков вид.
Јас сум кусогледа, идеална жена на Јахве,
дури кога ќе станам далековидна ќе бидам Христова.
Сама си ја отворам вратата, си го земам багажот.
Тежок е, тежок и насушен.
Во куферот си го носам минатото
што честопати ја промашува мојата дестинација,
сегашноста ми се тутка во рачна торба
што каде и да патувам заканувачки ми виси над главата.
Кога пристигнувам секогаш некој човек ме чека.
А јас во толпата го барам Него,
но моето име е секогаш на нечија друга табла.
И дури неволно се влечкам зад носачот на моето бреме,
се прашувам
– зар на Бога првин му е потребна витаминска инјекција
во десното рамо,
за да можам дури потоа да се потпрам на Него?
Или ми е потребна мене,
за да можам потоа во сопствениот живот да го потпрам Него.
No comments:
Post a Comment