Saturday, December 3, 2011

ЧОВЕК ВО СВОЈОТ ЖИВОТ

Човек во својот живот нема време за да има
време за сè.
Нема простор за да има простор
за секоја своја желба. Свештениците грешеа кога тврдеа така.

Човек треба да мрази и да љуби во исто време,
со истите очи да плаче и да се смее,
со истите раце да фрла камења
и да ги собира,
да води љубов во војна и да војува во љубов.

И да мрази и да простува и да памети и да заборава,
да подредува и разредува, да јаде и да ја вари храната,
она што долгата историја го прави
со години.

Човек во својот живот нема време.
Кога губи тој бара,
кога наоѓа заборава,
кога заборава тој љуби,
кога љуби почнува да заборава.

И душата му е вешта
и мошне стручна,
само неговото тело засекогаш останува
аматер. Се обидува и невешто трага,
не осознава и збунет е,
опијанет и слеп во сластите свои и во болки.

Наесен човек ќе умре како смоква,
набрчкан, сладок и полн со себе.
Лисјата ќе се исушат врз земјата,
а голите гранки ќе покажуваат
кон местото каде што има време за сè.


Јехуда Амихај

[превод Н.М.]

No comments:

Post a Comment