Saturday, February 18, 2012

Круг

Влегов во кругот од неговата внатрешна страна
круг вон кругот
круг во кругот
додека времето ја рони својата карпа од време
Како цветот што паѓа
од сина несоница
каменот како што ита
по својата исплашена сенка
како водата ведра
врз дланката на сонцето
Кругот се отвора бавно за нови кругови
дамнешни пејзажи на постојаната иднина
во нив ме препознаваат моите бледи синкопи
залудно налактен на работ на хоризонтот
Влегов во кругот од неговата надворешна страна
круг во кругот
круг вон кругот
во светла беспатица
На мојата заборавена прашина
времето ја гради
својата карпа од време...


Матеја Матевски

No comments:

Post a Comment